Thursday, December 12, 2013

Местоположба на с.Лесново


          Според местоположбата се наоѓа на надморска височина од 890 метри. Површината на селскиот атар изнесува 14.1 км2 од кои вкупната аграрна површина е 1360 хектари (168 хектари обработливо земјиште, 618 хектари се пасишта и 574 хектари шума). Селото Лесново се наоѓа во северо-источниот дел од Република Македонија. Сместено е на југозападната страна од Осоговските Планини во изгаснат вулкански кратер-Лесновскиот Кратер, каде што се наоѓа и Лесновскиот манастир. Селото Лесново припаѓа на општината Пробиштип, асфалтно е поврзано со општинскиот центар Пробиштип и е оддалечено 15 километри. Постои добра патна поврзаност со главниот град на Република Македонија – Скопје (123 км.) и со меѓународниот патнички аеродром ”Александар Велики”.
          Лесново има мошне пријатна клима, особено што се наоѓа на границата од умерено-континентална и планинска. Се карактеризира со свежи лета и благи зими и во комбинација со чистиот планински воздух и големиот број сончеви часови претставува природна воздушна бања која превентивно делува на здравјето на луѓето. Чистата животна средина, убавата природа со специфична флора од разни видови растенија, пријатната клима со многу сонце во сите годишни времиња, чистите и бистри планински води, атрактивниот изглед на високите ридови, а посебно планинскиот воздух кој спаѓа во најчистите во југоисточна Европа го прават престојот во Лесново да биде посебен. Лесновската река тече низ Лесново и го дели селото и кратерот на два еднакви дела. Со векови жедта на Лесново ја гасат пет прекрасни чешми, изградени во традиционален стил и со природен материјал кои птретставуваат атракција за посетителите. Во близина на селото Лесново се наоѓа Злетовската река со извонредно чиста и бистра планинска вода.


No comments:

Post a Comment